Јапонскиот премиер Фумио Кишида вети дека ќе се бори против „злото кое го предизвика поленската треска“, нарекувајќи ја алергијата на полен здравствен проблем што бара итна владина акција, пренесува „Гардијан“.
Додека нивоата на полен во Токио се искачија на највисоко ниво во последната деценија, Кишида на парламентарната комисија оваа недела изјави дека поленската треска станала „социјален проблем“, додавајќи дека ќе работи со министрите за да смисли одговор. „Сакаме да постигнеме резултати“, рече тој, пишуваат локалните медиуми.
Неговите коментари дојдоа како одговор на прашањето на пратениците од владејачката Либерално-демократска партија кои ја опишаа алергијата како „национална болест“ и сугерираа дека Кишида „ќе влезе во историјата“ доколку ја искорени.
Се вели дека околу 40% од Јапонците доживуваат симптоми на поленска треска – вклучувајќи чешање, насолзени очи и кивање – главно во овој дел од годината.
Последната епидемија делумно објаснува зошто толку многу луѓе продолжуваат да носат маски надвор, и покрај неодамнешното укинување на ковид-мерките.
За распространетоста на поленската треска во Јапонија е обвинета повоената програма за пошумување, за време на која дрвјата беа засадени со голема брзина за да и помогнат на градежната индустрија во земјата.
Кога цената на увезените градежни материјали паднала во 1970-тите и 80-тите, јапонските шуми биле оставени да растат во густина – и да ослободат големо количество на полен.
Овогодинешната сезона на полен предизвика наплив на антихистаминици и други производи – од спрејови за нос до заштитни очила – при што некои продавници пријавија двојно зголемување на продажбата во споредба со првите три месеци од 2022 година.