Израелската полиција во средата соопшти дека интервенирала во текот на ноќта во џамијата Ал Акса во источен Ерусалим за да ги истера „бунтовниците“ кои донеле „пиротехнички средства, стапови и камења.“
Осудувајќи го „злосторството без преседан“, палестинското исламистичко движење Хамас, на власт во Појасот Газа, ги повика Палестинците на Западниот Брег „да се упатат во голем број во џамијата Ал Акса за да ја одбранат“.
Џамијата Ал-Акса се наоѓа на Платото на џамиите, третото најсвето место на исламот во Источен Ерусалим, палестинскиот сектор на Стариот град што Израел го окупираше и анектираше. Платото било изградено на место кое Евреите го нарекуваат планината на храмот, најсветото место во јудаизмот.
Судирот доаѓа непосредно пред средината на Рамазан, додека Евреите се подготвуваат да ја прослават Пасха во среда навечер, а израелско-палестинскиот конфликт повторно ескалира од почетокот на годината.
Израелската полиција објави видео клип во траење од педесетина секунди, на кој може да се забележи експлозија на местото на богослужба, најверојатно од пиротехнички средства, а се гледаат и силуети на луѓе кои фрлаат камења.
На друго полициско видео може да се види како полицијата влегува во џамијата исе крие пазади штитови од петардите.
По веста за судирот во Ал Акса, неколку ракети беа истрелани од северот на Појасот Газа кон израелска територија, соопштија новинарите на АФП и очевидци.