Со корекцијата кај претходно замрзнати цени, како што соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, доматите и краставиците ќе се продаваат по цена од 95 денари за килограм, толку ќе чини и гравот, а цената на пиперките се определува на 100 денари, додека кромидот ќе поскапи за 10 денари и ќе чини 70 денари за килограм. Корекцијата на некои цени во трговијата на мало кај зеленчукот и овошјето е заради тоа што увозните цени се зголемени и до 30 проценти, рече Бектеши и потсети дека кај останатите производи цените можат да одат до 100 денари за килограм, освен кај леќата чија цена е 110 денари.
„Утврдивме зголемување на увозните цени и до 30%, посебно кај доматите, краставиците и кај гравот. Контролите на инспекциите и надлежните институции ќе продолжат и во наредниот период со цел да не бидат оштетени граѓаните, Буџетот на државата, како и да се сузбие и сивата економија и да има поголема конкурентност на домашното производство“, рече Бектеши кој денеска на прес-конференција ја образложи последната одлука на Владата, базирана во еден дел на средбата на Бектеши со увозниците и со Стопанската комора од минатата недела.
Согласно одлуката новите највисоки цени на овошјето и зеленчукот се: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони. Кај карфиолот се укинува ограничувањето на највисока цена.
Ваквото ограничување на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало, останува да важи до 30 април 2023 година, а ќе стапи на сила по објавување во Службен весник.