Длабоко сме потресени и изразуваме сочувство до семејството на детето кое почина по напад од кучиња. Во оваа трагедија загубата е ненадоместлива, неповратна и утеха нема. Ова го соопштија од Анима Мунди преку социјалните мрежи за инцидентот во кој домашно куче од расата англиски мастиф нападна и уби 8-годишно момче.
„Повикани сме од повеќе страни да дадеме изјава, но што и да се рече сега е доцна за ова дете , а секое слободно толкување во однос на оваа несреќа од која нема назад за нас е непримерно и болно. Единствено што би сакале да се знае дека како здружение за заштита на животни без дилема и веднаш би поддржале забрана за увоз, продажба, подарување и размножување, како и чување од малолетни лица на секое животно кое има физички предиспозиции да нанесе тешки телесни повреди или да загрози животот на друго битие“, велат од здружението во својот статус.
Тие нагласуваат дека според статистиките, најголемите, најсилните животни имаат најстабилен карактер, се најмирни, но нивната сила е огромна, па дури и со еден потег можат да бидат кобни по човек или животно.