Ние не можеме да бидеме заложници на некој што сака. Очигледно, Бугарија моментно се обидува да не уценува. Дали ние ќе бидеме жртва на уцена, тоа е наша работа. Меѓутоа, еве јас како историчар најодговорно тврдам дека нема апсолутно никаква потреба и никаква наша обврска ние да прифатиме нечија уцена. Знаете, има држави во кои уценувањето се казнува многу построго и од убиство.
Ова го изјави историчарката проф. Катерина Тодоровски од Институт за национална историја во интервју за Република.
Според не Гоце Делчев не може да се слави заеднички.
– Тие можат да повелат кога сакаат како гости да го посетат неговиот гроб, може да направиме и заеднички конференции, може да работиме се, меѓутоа Гоце Делчев нема ништо со Бугарија и нема ништо со Бугарите. Така што, тој обид нам да ни се наметне нешто што апсолутно не одговара на историската вистина ќе биде само еден показ дека ние не си ги почитуваме и не си ги цениме нашите научници, односно науката, која што 75 години во Македонија има многу сериозна и обемна продукција и ќе значи тоа дека секогаш ќе се однесуваме како вазали, притоа немајќи зошто да се однесуваме така, вели Тодороска.
За изјавата на првиот човек на македонскиот дел од заедничката мешовита македонско-бугарска комисија, Драги Ѓоргиев, дека не е работа на комисијата да каже дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец и дали воопшто верува во овие негови зборови, Тодороска настапува сосема искрено.
-Бидејќи многу добро го познавам Драги Ѓоргиев, нему не му верувам дури кога молчи, а камо ли, пак, кога зборува. Така што, дали тие си зеле некоја обврска, дали со тие силни евра со кои што се платени им е врзана устата, па не смеат да изговорат дека е Македонец, тоа е негова работа. Меѓутоа, неговиот збор за мене, не зборувам општо, не вреди колку снегот од пред две години.