Во Собранието веќе се поднесени предлог законски измени за Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство со кои, меѓу другото, се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците. Како што соопшти на денешниот брифинг со новинарите министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, скоро шест месеци интензивно се работело на подготовката на законското решение, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, невладини организации, експерти, професори, обвинители и судии.
Во законското решение е вклучена и можноста за употреба на електронски алки и за следење на осомничени лица. Допрва ќе се носат и правилници за тоа кој точно ќе биде надлежен за спроведувањето на одлуките и кој точно ќе одлучува кој ќе добие алка. За тоа како ќе функционираат и на кој начин ќе се следи дали насилникот се приближува на жртвата, деталите дополнително ќе се утврдуваат.
Со предложените измени и полициските службеници ќе добијат овластувања за побрза интервенција, а ќе се зајакнат и механизмите за постапување во случаите на семејно насилство.
Министерот изрази очекување дека пратениците во најкраток можен рок ќе го усвојат законот.