Засилено полициско присуство и ангажман на специјалните полициски сили утрово во Куманово. Во тек е голема полициска акција насочена кон разбивање организирана криминална група, која подолг период дејствувала во Куманово и поширокиот регион.
Според неофицијалните информации, во акцијата постапува Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, а групата ја сочинуваат лица добро познати на кумановската криминална сцена.
Осомничените, според досегашните сознанија на истрагата, се поврзуваат со изнуда, лихварство и перење пари и други приноси од казниви дела. Се сомничи дека во подолг временски период користеле насилство, закани и уцени за остварување противправна материјална корист.
За наводен организатор на групата се посочува лице со прекар Штука, а меѓу осомничените има и други лица од Куманово.
Претреси се вршат на повеќе локации поврзани со осомничените. Под лупа на истражните органи се и нотарска канцеларија и менувачница, каде што се проверуваат евентуални поврзаности со активностите што се предмет на истрагата.
Неофицијално, при досегашните претреси биле пронајдени парични средства, возила и документација.
Акцијата е резултат на подолготрајна оперативно-истражна работа на полициските истражители, во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Целта е разоткривање и сузбивање на криминални структури за кои постои сомневање дека подолг период дејствувале преку насилство и други незаконски активности, остварувајќи значителна противправна материјална корист.
Од институциите порачуваат дека нема недопирливи и дека постапувањето против организираниот криминал ќе продолжи без селективност и отстапки.