Премиерот Димитар Ковачевски денеска денеска изјави дека коридорите 8 и 10-д ќе почнат да се градат.
„Коридорот 8 ќе почне да се гради и ќе се изгради, исто како и Коридорот 10-д. Така што сите оние кои што не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструктура и поврзана со земјите со регионот, за жал ќе мора да ги разочараме. Ќе има и Коридор 8 и Коридор 10-д и членство во ЕУ, исто како што има членство во НАТО“, рече Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање, по увидот во градежните работи за изградба на социјална зграда во општина Бутел .
Во однос на предлогот за 60 часовна работна недела при изградбата на делниците од автопатиштата на коридорите 8 и 10-д, Ковачевски рече дека и сега во земјава може да се работи повеќе од 40 часа, согласно постојните законските решенија.
„И без законски измени, кај нас може да се работи над 40 часа неделно. Има голем број на работници кои работат и по 50 часа по свој избор и со своја согласност“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека според договорот со изведувачот и проектантот, конзорциумот „Бехтел и Енка“, 51 отсто од работите на делниците треба да ги изведат домашни подизведувачи, а тоа се однесува на рабоници и механизација, додека другиот дел ќе биде со учество на работна сила и механизација која што ќе биде донесена од странство.