Мицкоски: Целта е јасна – да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот

од Вести365.МК Ј.Р.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Македонија треба да биде земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот, истакнувајќи дека економскиот раст мора да донесе конкретни придобивки за граѓаните.

Ова го истакна на потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која претставува заедничка обврска на Владата, работодавачите, синдикатите и институциите за унапредување на условите за работа и заштитата на работничките права.

Мицкоски посочи дека економијата не се сведува само на бројки, статистики и проценти, туку дека зад секоја плата стои семејство, а зад секое ново работно место надеж за подобар живот.

Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува земјата, меѓу кои недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на компаниите.

Според него, овие проблеми бараат јасна стратегија, одлучност и партнерство меѓу сите засегнати страни.

Премиерот нагласи дека целта е создавање економија која не само што ќе расте, туку и чиј напредок ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе инвестиции, квалитетни и добро платени работни места и подобри услови за професионален развој.

„Нема силна економија без силни компании. Но нема ниту вистински успешна држава без работници чиј труд е праведно вреднуван“, порача Мицкоски.

Посебен акцент стави на младите, нагласувајќи дека државата треба да им овозможи да ја градат својата иднина дома, да добијат можност за вработување, да напредуваат професионално и да ги остваруваат своите амбиции во Македонија.

Тој истакна дека е неопходно да се создадат и повеќе можности за економско зајакнување на жените, нивно поголемо учество на пазарот на трудот и еднакви услови за професионален развој.

Во рамки на Националната програма, меѓу приоритетите се реформите на трудовото законодавство, модернизацијата на институциите, зајакнувањето на инспекцискиот надзор, развојот на вештините и подобрувањето на конкурентноста на претпријатијата.

Мицкоски нагласи дека усвојувањето документи и програми само по себе не е доволно, туку дека вистинскиот успех ќе се мери преку конкретните резултати што ќе ги почувствуваат работниците, младите, жените и работодавачите.

„Законите се важни. Програмите се важни. Меморандумите се важни. Но најважно е граѓаните да ги почувствуваат резултатите од нив“, истакна премиерот.

Тој се заблагодари на Меѓународната организација на трудот и на социјалните партнери за придонесот во подготовката на програмата, посочувајќи дека вистинската обврска започнува со нејзиното спроведување.

„Достоинствениот труд не е привилегија. Тој е право. А достоинствениот живот не смее да биде недостижна желба. Тој мора да биде реалност, реална можност за секој наш граѓанин“, порача Мицкоски.

На крајот, премиерот истакна дека целта е изградба на држава во која трудот се исплати, успехот се вреднува, а иднината се гради дома.

Слични објави