Не би прифатила да бидам член во работната групата за уставни измени на Министерството за правда и тоа одамна јавно го изјавив, вели универзитетската професорка и пратеничка Гордана Силјановска Давкова во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Не се влегува во уставна измена туку-така. Ако за уставни промени е потребно двотретинско мнозинство прво треба да преиспитате дали го имате. Неприфатливо е да се отвори расправа, па додека трае расправата да се брка потребното мнозинство. Јас не би влегла во работната група оти не мислам дека големи групи се гаранција за успех, а освен тоа консензус нема и нема ни да го има во текот на собраниската расправа. Ни моите колеги не сакаат да учествуваат во оваа комисија оти им е чуден начинот на работа на комисијата, вели Силјановска Давкова.
Таа вели дека ниеден од нашите устави, вклучително и првата верзија, не била подготвувана ни разгледувана од уставни експерти. Уставната номотехника е занает и треба да се знае дали и како се менува Преамбулата, вели професорката и додава дека во оваа комисија на Министерството за правда нема познати експерти по уставно право.
Тука не станува збор за учество во комисија за да се реши некоја ситуација туку да се видат имињата, па се е сведено на спектакл, вели Силјановска Давкова.
Франција, вели професорката, неколку години имаше комисија од уставни експерти кои разговараа за францускиот устав и дојдоа до заклучок дека треба да се ограничи моќта на претседателот, а сето тоа се одвиваше далеку од камерите.