Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 11 октомври, ден на Светиот апостол Филип.
Родум од Кесарија Палестинска. Беше женет и во бракот му се родија четири ќерки, сите четири со дар на пророкување и сите четири заветувани девици Христови. Кога Светите апостоли избираа ѓакони, тогаш беше избран и Филип, покрај Стефан и останатите. Тој со голема љубов и внимание им служеше на сиромашните и на вдовиците. Кога настана гонењето на христијаните во Ерусалим, Св. апостол Филип се засолни во Самарија и таму го проповедаше Евангелието и Го сведочеше Бога со многубројни чуда и изгонувања на демони, со исцеленија на болни итн. Кога ги виде чудата на апостолот, се крсти и прочуениот волх Симон. Св. Филип го крсти и евнухот на царицата Кандакија. Потоа ангел Божји во истиот миг невидливо го пренесе во Азот, кадешто оттогаш поучуваше и проповедаше и мнозина ги обраќаше кон Христа. Беше поставен за епископ во Тралија. Се упокои мирно во длабока старост.
Според народните верувања, утрово треба да посетите црква или да запалите свеќа во домашни услови пред икона, молејќи се за мир, здравје и слога во семејството.
Бидејќи Св. апостол Филип бил познат како голем грижлив ѓакон за сиромашните и вдовиците, се верува дека секое добро дело или милостина на овој ден носат огромен благослов и заштита за целиот дом.