Итната медицинска помош доби 100 нови амбулантни возила

од Вести365.МК Ј.Р.

Нови 100 амбулантни возила добива итната медицинска помош низ државата, надлежните се во преговори за уште 50 дополнителни за во 2027 година.

Премиерот Христијан Мицкоски при денешното промовирање на паркингот на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, посака што помалку се користат овие возила.

Се разбира, колку помалку се користат, тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи што треба да се третираат со овие возила. Но, онаму каде што е потребно, убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно, имајќи предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила – 100 на број – нагласи премиерот.

Тој се осврна на состојбата во здравството, но и генерално, за владините политики и идните планови.

-Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени. Но, она што е задача на оваа влада – е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено – да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање – не е сѐ решено со овие 100 возила, се разбира, можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но, не е сѐ решено. Но, она што е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем, се решаваат во овие 27-28 месеци. Покрај тие 120 нови возила што Министерството за внатрешни работи ги обезбеди после децениска негрижа таму. По тие стотина возила што ги доби „Пошта“, по тие 53 возила што се користат веќе во општините за чистење, за чистење на сметта, дојде ред и на овие 100 возила – амбулантни – рече Мицкоски.

Тој најави дека многу скоро од денеска, ќе има и нови 150 електрични автобуси што, нагласи, исто така, ќе бидат распределени низ градовите во целата држава.

Сѐ тоа можеби навидум не изгледа нешто многу големо и значајно. Но, верувајте, оној момент кога тоа ќе ви биде потребно – сѐ тоа што ние денеска го правиме и што го обезбедуваме ќе биде и те како значајно кога тоа ќе ви биде потребно, бидејќи, досега, тоа го немало. ​Сакам исто така да напоменам дека наш приоритет во периодот што следи се инвестициите во во здравството. ​И ќе продолжиме да инвестираме. Има многу за инвестирање, не можеме сѐ да решиме можеби во еден цел мандат на една влада. Но, она што планираме во периодот што следи, а што веќе заедно со нашите партнери, финансиски институции, го завршуваме во делот на здравството во преговорите, тоа се проектите што здружено Светска банка и Европската инвестициска банка ќе ги финансираат. Тоа е конечно клиничкиот центар – односно клиничката болница во Штип, здравствениот дом со проширена дејност – Кичево и клиничката болница во Тетово. ​Очекувам според последната мисија на Светска банка и Европската инвестициска банка, одобрување и формално да имаме некаде кон крајот на првиот квартал од следната година за финансирање на овие проекти. И ако биде сѐ како што треба, веднаш потоа да биде објавен тендерот и ако биде сѐ како што што треба, очекувам првиот проект од овие проекти да почне да се реализира некаде таму крајот на вториот, почетокот на третиот квартал од следната година – најави премиерот.

Тој посочи дека проект што е започнат пред 15 – 20 години, треба да се продолжи да се работи, а во суштина треба да се размислува што ќе се случува од денеска за 10 – 15 години во здравството.

Значи таа технологија што била пред 10 – 15 години е сега веќе застарена, а замислете каква технологија треба да антиципирате што ќе се развива во следните 10 – 15 години. Ние сме фокусирани при рестартирањето, конкретно на проектот на клиничката болница во Штип, за технологија што ќе биде апликативна во 2035 – 2040 година. ​Така што, сѐ тоа бара една правилна антиципација, работа со нашите стратешки партнери и ценам дека успеавме да дојдеме до некое решение што ќе значи додадена вредност во македонското здравство – дециден беше премиерот.

Тој се осврна и на состојбата во здравството во главниот град на државата.

Се наоѓаме тука некаде помеѓу двете парцели што ги разгледуваме и за што преговараме за новиот клинички центар, едната е пред овој базен што го гледате овдека лево од нас, којшто исто така беше оставен на забот на времето – па сега се реконструира, а другата е позади овој тобоган ваму што го гледате. Тоа се двете парцели, отприлика, каде што, би требало, да биде и новиот клинички центар.​ Очекувам до крајот на оваа година и тие преговори да ги завршиме. Цениме дека ова место заедно со поврзувањето на постоечката „8 Септември“, Пет центарот и болницата односно поликлиниката „Букурешт“, мислиме дека сѐ тоа ќе даде една убава симбиоза овдека еден убав убав центар, а заедно со Општина Карпош работиме и на обезбедување нови паркинг – места, бидејќи кога сѐ тоа ќе функционира и кога сѐ тоа ќе биде изградено – ќе има згушување и затоа, планираме уште сега како да го растеретиме и тој дел од предизвиците со што ќе се соочат жителите на овој дел на град Скопје – појасни премиерот.

Претседателот на Владата рече дека доколку се направи добар план, тоа значи 90 отсто добро завршена работа.

Ако планот не ви е добар – тогаш ни работата нема да ви биде добра. Затоа ние се трудиме планот да биде добар. Како и да е, нека ни се со среќа овие 100 нови амбулантни возила и ете уште многу проекти да реализираме во здравството – порача премиерот.

Тој изрази благодарност до министерот за којшто рече дека со својата посветена работа го истерал овој проект и развива и други проекти.

Благодарност за луѓето од Министерството за здравство, за луѓето од мојот кабинет, за здравствените работници, за лекарите, за сите оние коишто имаат трпение бидејќи навистина работат во услови понекогаш што се и надчовечки напори вложуваат да ги совладаат тие услови во коишто работат. ​Знам колку е сѐ тоа тешко, но, тие покажуваат дека не е невозможно, дека сѐ е можно дури и во такви услови да се работи. Како влада, се трудиме и тоа да го олесниме. ​Благодарност до пратениците од македонското Собрание, коишто со својата работа, со своите амандмани и политиките што ги носат преку законите во македонското Собрание, обезбедуваат побрза набавка и интервенирање во здравствениот сектор. Благодарност на сите коишто учествуваат, ќе ми прости некој ако го го заборавив. Битно е дека имаме 100 нови амбулантни возила, нешто што би рекол одамна не е направено за здравствениот систем во Македонија и се надевам за нови педесет – рече Мицкоски.

Министерот за здравство, Сашо Клековски истакна дека Итната медицинска помош е една од службите од клучно значење за подобрување на вкупната здравствена заштита во државата, посебно во спасување животи на луѓе во итна медицинска потреба. Тој нагласи дека заедно со Владата се имаат зафатено да направат неколку чекори.

Ова е првиот чекор, набавка на 100 возила што се опремени на едно поинакво ниво од минатото. Значи возилата се опремени со ЕКГ, со респираторна поддршка, со дефибрилатори, имаат и комфор – зона регулација на вентилација и на климатизација. Со овие 100 возила, ќе стигнеме до околу 200 возила во целата земја. Значи во моментот имаме 140 активни возила, 60 од новите возила ќе бидат наменети за зголемување на капацитетот на итната медицинска помош, а другите ќе бидат наменети за заменување на дотраените возила – појасни министерот.

Притоа додаде дека дистрибуцијата на овие возила ќе се одвива спрема утврдените критериуми – а тоа е демографија, територија на која се покрива установата, бројот на интервенции годишно, број на транспорт и дотраеноста на возилата и така натаму.

Значи анализата е направена и се утврдени јасни критериуми за дистрибуција. Овие возила веднаш ќе бидат ставени во потреба по неопходната обука на тимовите со новите можности што ги нудат овие возила. Ние, исто така, сме во разговор да во 2027 година бидат набавени уште 50 додатни возила – информираше министерот.

Со што, како што нагласи, целосно би се стабилизирал, условно кажано, машинскиот парк на автопаркот на службите за итна медицинска помош во државата, за наредните неколку години.

Меѓутоа, рече тој, не се возилата единствениот дел од тоа што е неопходно да се промени во Итната медицинска помош.

Во основа, овојпат, што е различно од некои други пати, сакаме да направиме повеќе промени и реформи во Итната медицинска помош. Прв чекор е веќе започнат, а тоа е одвојувањето на Итната медицинска помош во посебна служба од Здравствениот дом – Скопје, со намера тоа да оди понатаму на национално ниво. Тоа е почеток на малку повеќе вложување во стандардите. Значи подготвуваме носење национални стандарди за тријажа што треба да доведат до унифицирано постапување на сите служби за итна медицинска помош. И во некој одреден период да воведеме и национален диспечерски центар за координација на различните тимови – посочи министерот.

Граѓаните, рече, не ги знаат општинските граници, границите на здравствените домови.

И соодветно на тоа ние мораме да реагираме без разлика кој од каде, до најблиску што може да стигне навреме – истакна министерот.

Клековски рече дека една од планираните реформи е постепено воведување на парамедици во тимовите на итната медицинска помош со што би се ослободиле лекарите за ургентните центри, бидејќи итната медицинска помош треба да ги транспортира пациентите до одреден ургентен центар, каде што ќе бидат примени.

Го поздравувам формирањето на Македонската асоцијација за ургентна медицина која е членка на Европската асоцијација за ургентна медицина, од која очекуваме совети и помош во овие реформи што ги планираме да ги направиме. Целта е да имаме функционална, ефективна медицинска помош која најбрзо што може ќе стигне до местото на потреба и ќе обезбеди безбеден транспорт за пациентите – нагласи Клековски.

Прашан за недостаток на здравствен кадар во државата Клековски рече дека најмногу недостасуваат возачи.

Имаме комплетна анализа на кадрите на национално ниво по категории. Возачи, лекари, медицински сестри, со прогноза за пензионирање до 2030 година и каде ќе бидат тесните крила. Во моментот, возачите се најтесното крило од сите. Врз основа на тие анализи, што се подготвени во Министерството за здравство, ќе искомуницираме со соодветните здравствени институции и Министерството за финансии за обезбедување согласности – одговори тој на новинарско прашање.

Слични објави