Француската полиција уапси 61 лице во Париз и изврши 589 превентивни проверки откако растера два неовластени протестни марша во главниот град.
Од вкупниот број приведени, 21 лице било уапсено пред седиштето на телевизискиот канал CNews, каде што биле искршени прозорци, соопшти париската полиција. За време на безбедносните проверки биле одземени забранета заштитна опрема, лажна полициска лента и нож.
Првиот протестен марш, на кој се собрале околу стотина луѓе, започнал во близина на железничката станица Гар ди Нор, од каде демонстрантите се упатиле кон улицата Фобур Сен Дени. Во близина на станицата Гар де л’Ест, повеќе од сто делумно маскирани демонстранти се движеле низ улиците извикувајќи пароли против полицијата. Интервентните полициски единици блокирале дел од премините за да го контролираат движењето на толпата.
Вториот марш започнал во улицата Рен, а во него учествувале околу стотина средношколци.
Инциденти и во други градови
Протести биле одржани и во други делови на Франција. Во Лион, полицијата употребила солзавец кратко по 10 часот за да растера околу 300 демонстранти собрани пред Универзитетот Лион 3. По интервенцијата, дел од учесниците извикувале антифашистички пароли.
Во Марсеј, неколку стотици демонстранти го блокирале сообраќајот на почетокот на Авенијата Канбиер, запалиле канти за отпадоци и употребиле димни бомби, објави „Ле Фигаро“. Дел од учесниците носеле жолти елеци и француски знамиња, а за раните попладневни часови бил најавен поголем собир.
Незадоволството на демонстрантите е поврзано со состојбата во јавните болници и образованието, како и со начинот на кој властите се справуваат со климатската криза.
Полицијата распореди дополнителни сили и воведе забрани за собири во делови од Париз. Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон ги повика демонстрантите да избегнуваат насилство.