Откако Ива Михаилова жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, на која ѝ се суди во Кочани поради сообраќајка со смртни последици, ја напуштила земјава, „Слободен печат“ неофицијално, од свои добро упатени извори дознава дека за неа има забрана за напуштање на Македонија.
Кочанскиот суд доставил известување до МВР дека Михаилова треба да биде на „Стоп“ листата. Михаилова е внесена на „Стоп“ листата на МВР, а тоа значи дека на легален граничен премин кога ќе пристигне не би требало ниеден граничен службеник да ѝ дозволи излез од Македонија.
Во 2026 година Михаилова не фигурира дека излегла на граница од Македонија иако таа веќе денеска е во Бугарија. Се проверува дали искеширала некого на граница за да не ја внесат во ситемот или, како втора опција – дали избегала на див граничен премин.
Откако стана јасно дека Михаилова е во Бугарија, претседателката Илијана Јотова го коментираше случајот, но кажа дека не била претходно известена за пристигнувањето на младата жена во Бугарија. Таа рече дека го очекува извештајот од лекарите во болницата „Пирогов“ за состојбата на 23-годишната Ива Михаилова, која пристигна во Бугарија по повеќемесечен судски спор во Македонија околу потребата од специјализирано лекување на повредите што ги здобила во тешка сообраќајна несреќа.
„Да видиме каква е нејзината состојба, да се преземат итните мерки на кои инсистираме веќе со месеци, и тоа не само тука, во Бугарија, туку и пред сите меѓународни институции“, изјави Јотова пред бугарските новинари.
Шефицата на бугарската држава објасни и дека за пристигнувањето на Михаилова во Бугарија дознала по нејзиното утринско интервју за телевизијата БТВ. Според неа, засега нема дополнителни информации за состојбата на Михајлова, а допрва треба да се разјаснат и околностите под кои таа пристигнала.
Сепак, Михаилова рече дека не сака повеќе да чека.
– По една година, не мислам дека ова е добра волја – коментираше таа за предлогот за нов медицински преглед.
Нејзиниот адвокат ја уверил дека ќе биде примена во „Пирогов“ и дека судскиот случај во Северна Македонија ќе продолжи.
Во моментов останува нејасно како властите во Скопјe ќе реагираат на напуштањето на земјата и покрај наметнатите ограничувања, пишува БТВ.