Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за обвинувањата на опозицијата дека го кочи евроинтегративниот пат со неотварањето, односно неприфаќањето на уставните измени, вели дека досега многупати го има изнесено свој став и, како што вели, „немам што да додадам на тоа што сум го кажал“.
– Не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата, кој секој ден е, би рекол, сѐ порадикален и личи како да се дојдени од некоја испорака од „Али експрес“ на некоја друга опозициска партија. Така што, тој дел од опозицијата не би сакал да го коментирам – рече Мицкоски во одговорот на прашањето за обвинувањата на опозицијата, а во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Премиерот Мицкоски посочи дека нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни.
– Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот најдеме решение – вели Мицкоски по пуштањето на реконструираниот Студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.