Министерството за правда се очекува оваа недела да ги објави имињата на експертите кои ќе бидат дел од работната група за уставни измени, откако минатата недела беа објавени имињата на претставниците на политичките партии и институции кои ќе бидат дел од ова тело.
Работната група, пак, се очекува да се состане при што ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот изјави дека Бугарите во македонскиот Устав можат да бидат впишани единствено како дел од бугарскиот народ и никако поинаку, отфрлајќи ја можноста формулацијата „македонски Бугари“ да влезе во Уставот.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави имињата на експертите од академската фела кои се занимавале со уставна проблематика во пракса.
-Во однос на комисијата, таа веќе е во процес на формирање во Министерството за правда, кое ги објави експертите од политичките партии. Во текот на наредниот период тие ќе ги објават и експертите кои доаѓаат од академската фела, доминатно и од стручната, односно оние кои се занимавале со уставната проблематика во пракса и откако тоа ќе го направи Министерството за правда, ќе започне практичната работа на Комисијата која треба да ги изработи амандманите и коишто потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура, рече Ковачевски на прес-конференција во четвртокот.
Постапката за уставни измени, според Ковачевски, треба да почне и тој верува дека Собранието има демократски капацитет за овој процес. Во однос на противењето на опозицијата за уставните измени, Ковачевски вели дека опозицијата многу често ги менува своите ставови.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека работната група за уставни измени ќе се состане по празниците и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.
Досегашното искуство, како што посочува Маричиќ, покажува дека ваквите обврски, ако се остават, стануваат потешки.
– Притоа мора да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредени прашања во регионот. Затоа има притисок и за решавање на проблемот со Косово и состојбата во Црна Гора. Следната година е изборна и во ЕУ и ќе им треба шест месеци за распоредување на новите европски институции, вели Маричиќ.
Партиите за членови во работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.
Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Ова работно тело е задолжено од Владата да ја подготви Предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, информираат од Министерството за правда.
Претседателот на државата Стево Пендаровски минатата недела нагласи дека ги поддржува уставните измени, но напомена дека не е оптимист за договор меѓу политичките партии околу промените на Уставот.
-Ако кажам дека сум песимист, а сум, бидејќи тоа една година го зборувам во континуитет, пак некој ќе ми замери од Владата и ќе рече дека треба да правам атмосфера во која ќе напредуваме. Многу внимателно ги слушам сите политичари во Македонија што зборуваат јавно на таа тема. Кој е тој што ќе рече дека тука има некаков простор во кој можеме да се договориме. Јас не го гледам тој простор. Јас сум за уставни промени, не утре, туку денес, но како со сила да ги натераме тие луѓе да гласаат?, рече Пендаровски минатата недела.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минатата недела при посета на Зрновци на прашање од новинарите за негов коментар за уставните измени, повтори дека за него тоа е завршена работа и нема што да коментира.