Унгарија денеска гласа на едни од најзначајните парламенетарни избори

од Вести365.МК Ј.Р.

Унгарија денеска гласа на едни од најнеизвесните, но и најзначајните парламентарни избори во поновата историја на земјата, со кои би можело да се прекине 16-годишното владеење на актуелниот премиер и лидер на десничарската и конзервативна партија Фидес, Виктор Орбан.

Исходот од изборите ќе влијае и на потенцијално преобликување на односите на централноевропската земја со Европската Унија, Москва и Вашингтон.

По победата на партијата на Орбан на четири последователни парламентарни избори од 2010 година, првпат постои реална можност за победа на опозицијата. Според анкетите, главен ривал на партијата на Виктор Орбан е релативно младата центристичка партија Тиса на Петер Маѓар.

Една од најважните цели на лидерот на Тиса е да ја оддалечи Унгарија од Русија и да ги зајакне односите со Европската Унија. На домашен фронт, Маѓар најави жестока борба против корупцијата и промена на системот, што, меѓу другото, подразбира воведување пофер изборен систем, ограничување на мандатот на премиерот на два изборни циклуса и на нов устав. Лидерот на Тиса повика на политичка промена и национално обединување, претставувајќи се како алтернатива на долготрајната власт на Орбан.

Актуелниот премиер Орбан ја водеше изборната кампања со пораки за стабилност, национален суверенитет и противење на надворешен притисок, особено од ЕУ и во контекст на војната во Украина. Ги претстави изборите како избор меѓу „мир и војна“, односно меѓу продолжување на неговата политика и радикална промена.

Иако според повеќето предизборни анкети партијата на Маѓар е во водство, аналитичарите се претпазливи бидејќи неопределените гласачи и Унгарците во странство сè уште би можеле да влијаат на резултатот.

Државната изборна комисија на Унгарија објави дека право на глас имаат 7 527 742 гласачи, а дури 16,89 отсто од нив, односно 1 271 768 излегле на гласање до 9 часот утринава. Избирачките места на целата територија на Унгарија се отворени од 6 часот наутро, а ќе се затворат во 19 часот.

Изборите во Унгарија се под будно око на земјите низ Европа и пошироко.

Слични објави