Обвинението за пожарот во „Пулс“ е политички конструирано и правно неосновано. Ова во својот воведен говор го кажа поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и актуелен министер без ресор, Шабан Салиу, кој е еден од 35-те обвинети физички лица за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Тој како и неговите бранители пред него, во воведниот говор се осврна на неколку, како што наведе, факти кои покажуваат дека не се издржани тезите на обвинителството. Салиу посочи дека тој како директор на ДЗС од 2012 до 2017 година не можел да предвиди дека во објектот ќе настане пожар. Тој наведе дека ДЗС воошто и не знаела за објектот, како и дека тој како директор немал надлежност за инспекцискиот дел од работата на институцијата.
Салиу нагласи дека не може да постои каузална, односно причинско-последична врска меѓу неговото делување како директор и настанувањето на пожарот.
„Обвинет сум дека сум сторил кривично дело со обвинение кое се темели на претпоставки и врз основа на политички игри без правна основа. Верувам, и тоа ми претставува утеха, дека правдата секогаш победува. Се сугерира дека од 2012 до 2017 сум знаел и сум бил свесен дека ќе настане пожар. Тоа не може ниту баба Ванѓа да го предивиди. Не може да има каузална врска за тоа што се случило во кабарето во Кочани. Јас не сум знаел за објектот, ДЗС не знаела за објектот”,рече Салиу.
Тој додаде дека државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски направил преседан на прес-конфернцијата на која информираше за поднесувањето на обвинението, со тоа што го исклучил директорот на Државниот градежен иснпекторат од одговорност, а ги обвинил директорите на Дирекцијата за заштита и спасување. Тој реагираше и за вчерашната седница на Постојната анкетна комисија за човекови права на која, како што кажа, неосновано било злоупотребено неговото име односно, според него, лажно се тврдело дека на судењата оди со службен автомобил.
„Тоа не е точно“,рече Салиу, изразувајќи оптимизам дека судскиот процес ќе заврши со ослободителна одлука за него и другите поранешни директори на ДЗС.
Во оваа насока беа и воведните говори на неговите адвокати Димитар Дангов и Шенај Османов. Во подолгиот воведен говор, Дангов, условно кажано, го нападна обвинението за кое рече дека конструира нов правен институт во нашето право – долготраен каузален континуитет.
„Обвинението како што е поставено се заснова на храброст. Дали ова ви личи на барање на одговорност од пра пра пра дедото за нешто што се случило после 60 години во времето на внукот, а за кои не е одговорен ниту тој“,рече Дангов.
Тој постави неколку реторички прашања од кои, како што кажа, произлегува дека не можело да има врска меѓу делото и последиците со надлежностите што ги имал Салиу како директор, како и оние што дошле на фукцијата по него. Кажа дека ќе докажат дека тие како директори немале надлежност да организираат инспекциски надзор, затоа што тоа било во рацете на главниот инспекторат.
„Такви обврски не спаѓаат во неговата фунцкција. Тој не може да делува на пожарот нити на последиците“,кажа Дангов.
Во идентична насока беше и воведниот говор на адвокатот Шенај Османов, кој рече дека судот мора да биде место каде правдата ќе биде над политиката.
„Само дел од обвинетите имаат вина за ‘Пулс’. Шабан Салиу не е меѓу тие лица. Тој не издавал дозволи и не вршел инспекциски надзор. Ако секој што е дел од системот е виновен за неговото постапување или непостапување тогаш нема никој да биде невин. Овде се бара жртвено јагне. Нема да се дојде до правда ако се осудат невини луѓе. Ако осудиме невин човек ќе создадеме нова трагедија“,рече Шенај Османи.