Во непосредна близина на основно училиште во Кичево вчера утрото биле отруени десетина кучиња, објави „Сакам да кажам“.
Граѓаните за порталот рекле дека вработени во Комуналното претпријатие подоцна околу 17 часот биле повикани од дома за да ги отстранат пцовисаните кучиња откако на социјалните мрежи се појавиле снимки, бидејќи вчера беше неработен ден и претпријатието не работеше.
Грозоморниот чин ги шокираше кичевци, велат дека иако со години се соочуваат со опасности од уличните кучиња, сепак не го оправдуваат ваквиот чин. Претпоставуваат дека сторителот намерно одбрал неработен ден, кога децата не се на училиште.
„Невиден хорор, умрени кучиња насекаде и на патот и во школскиот двор. Кој помина плачеше. Паѓаа пред нас кучињата, имаа бела пена на устата, беа подуени. Среќа децата не беа на училиште, но некој намерно одбрал неработен ден, испланирал да нема гужва. Ова навистина е страшно и не смее да се повтори. Некој мора да одговара“, раскажува граѓанин за „Сакам да кажам“, кој прв ги видел кучињата како умираат.
Бројката на улични кучиња во Кичево е алармантна. Комуналната редарска служба минатата година изброи 500 кучиња на територијата на Општината, но бројот кучиња по улиците постојано расте.
Општина Кичево за третман на улични кучина од буџетот годишно издвојува околу 20.000 евра. Според планот и програмата за решавање на проблемот со зголеменото присуство на бездомните животни, односно за контрола на нивниот број, се врши нивна масовна стерилизација, вакцинација и повторно враќање на територијата од која се заловени.
Единствено решение за проблемот со кучињата скитници во Кичево, според нив е изградба на стационар.