Јавните обвинители кои го истражуваат пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 62 млади луѓе денеска започнаа со сослушувања на претставници на семејствата, односно законските застапници на загинатите во трагедијата. Како што соопштуваат од Обвинителството, преку исказите дадени пред јавен обвинител тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон.
– Исто така, ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
Оттаму велат дека сослушувањата се одвиваат според предвидената динамика, во обвинителствата во Кочани, Штип и Скопје согласно распоредот кој беше утврден директно со семејствата на жртвите во соработка со организацијата “Support Kocani”.
-Сослушувањата ќе бидат поединечни и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник за секоја од жртвите да се произнесе во однос на правата како оштетени. Тој во својот исказ ќе може да предложи и други лица од семејството кои евентуално имаат сознанија за настанот.
Оттаму потсетуваат дека се уште е активен повикот на обвинителството до сите останати кои биле сведоци на несреќата да споделат информации со истрагата.