Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок кон крајот на оваа недела ќе отпатува во Кина во прва посета на земјата, која се очекува да биде посветена на војната во Украина, јави ДПА.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави дека Бербок ќе ја води шестата рунда од стратешкиот дијалог меѓу двете земји со нејзиниот нов колега Цин Ган.
Покрај билатералните односи и односите со Европската Унија, се очекува двајцата министри да се фокусираат и на меѓународни и регионални прашања. Фокусот на посетата на Бербок најверојатно ќе биде ставен на руската инвазија врз Украина, која Пекинг се уште не ја осудил.
За време на нивната посета на Пекинг минатата недела, францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, исто така, се обидоа да го охрабрат кинескиот лидер Си Џинпинг да ја убеди Москва да стави крај на војната.
Заедно со Бербок во Кина требаше да замине и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел но тој го одложи патувањето поради ковид.