Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рано утринава учествуваше на состанокот на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) во Истанбул, на кој беа разгледани мерките што треба да се преземат во врска со земјотресот со јачина од 6,2 степени во близина на брегот на Силиври, во Мраморното Море.
По средбата, претседателот Ердоган изјави дека на состанокот во АФАД биле оценети мерките што се преземаат за минимизирање на последиците од земјотресот.
„Фала му на Бога, немаме загуби на животи. Како држава сме деноноќно на штрек“, нагласи тој.
Забележано е дека на состанокот не биле поканети претставници на општината Истанбул, чиј градоначалник и политички противник на Ердоган, Екрем Имамоглу, е во затвор.
Потоа, Реџеп Таип Ердоган се сретна со граѓани во кафуле во квартот Кијагитане, во центарот на Истанбул. Тој разговараше со нив и пиеше утрински чај.
Во меѓувреме, продолжија последователните потреси по силниот земјотрес со јачина од 6,2 степени по Рихтер вчера во 12 часот и 49 минути.
Досега се пријавени најмалку 284 последователни потреси. Последниот поголем последователен потрес се случил во 7 часот и 19 минути изутрината со интензитет од 4,1 степени, информираат од АФАД.