Поранешниот вицепремиер Артан Груби вчеравечер преку објава на социјалните мрежи вели дека од медиумите дознал за денешната одлука на Стејт департментот кој го стави на црната листа на САД.
– Како човек кој мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување, напиша Груби.