Научниците од Универзитетот Бакнел и Универзитетот Болдер во Колорадо открија повторлив радиосигнал од егзопланета оддалечена 12 светлосни години, што имплицира дека егзопланетата може да има магнетно поле околу неа. Научниците се чекор поблиску до откривање на живот надвор од Земјата.
Магнетното поле е од суштинско значење за способноста на планетата да поддржува живот, бидејќи тоа ја штити планетата од штетното зрачење и помага во одржувањето на атмосферата. Научниците веруваат дека доколку постојат други форми на живот, веројатно ќе им требаат магнетни полиња за да преживеат, а овие полиња треба да бидат доволно силни, како оние на Земјата. „Дали планетата ќе има атмосфера или не, може да зависи од тоа дали има силно магнетно поле“, рече астрофизичарот Себастијан Пинеда од Универзитетот во Колорадо Болдер во САД, како што објави Си-Ен-Ен.
Иако планетите со големина на Јупитер генерираат доволно силни магнетни полиња, научниците проучуваа и помали, карпести планети, како што е YZ Ceti b, за која открија повторливи радио сигнали поврзани со магнетните полиња. YZ Ceti b е премногу блиску до својата ѕвезда за да поддржува живот, но неговата орбита од само два дена го прави одлична тема за проучување на магнетните полиња.
Потврдувањето на постоењето на магнетно поле околу новооткриената планета може да го унапреди истражувањето на универзумот во потрага по планети погодни за живот и вонземски живот. „Бараме планети кои се многу блиску до нивните ѕвезди и слични по големина на Земјата. Овие планети се премногу блиску до нивните ѕвезди за да можеме да живееме на нив, но поради таа положба тие некако мораат да се пробијат низ масата на работи кои доаѓаат од ѕвездата“, рече, астрономот Џеки Виладсен од Универзитетот Бакнел во САД.