Дражавата не стопанисува домаќински со својот имот, заклучи во својот ивештај Државниот завод за ревизија. Еден дел од државниот имот стои неискористен додека некои државни институции имаат или несоодветни простории или пак, се сместени во објекти или простории за кои се плаќа закуп кој достигнува над 770 илјади евра. Дел од имотот е урнат и не постои, а сепак се плаќа осигурување. Постојат и државни станови во кои живеат лица кои не ги исполнуваат условите за користење. Не постои добра евиденција на имотот ниту национален план за неговото користење, сметаат ревозирите.
Ревизорите го поставија прашањето „Дали надлежните институции управуваат и стопанисуваат со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата на ефикасен начин?“ и даваат одговор дека постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата. Владата нема национална стратегија за управување, користење, одржување и отуѓување со државниот недвижен имот, ниту државна стратегија во областа на домувањето, иако има законска обврска.
Евиденцијата на недвижниот имот се води во СОЗР, АДИССПДП, АДСДП, но и во секој државен орган на кој Владата со одлука му има доделено право на времено или трајно користење запишани во Катастарот на недвижности.
Ревизијата утврди Владата нема унифицирана содржина на одлуките со државниот имот го дава на користење со или без надоместок на општините, на Град Скопје или на здруженија и фондации.
Кај девет министерства е утврдено дека за 212 објекти, односно 17 проценти од објектите кои се користат, за нив нема владина одлука, 49% од објектите што се користат се сметководствено евидентирани, 29% се евидентирани во вонбилансната евиденција, додека преостанатите 22% од објектите воопшто не се евидентирани. Причините за неевидентирање на објектите во сметководствената евиденција, процентуално се прикажани во графиконот подолу:
Дека состојбите се и апсурдни покажува податокот дека на четири министерствата им се потребни дополнителни простории, додека во исто време три министерства имаат простории кои стојат празни и кои не им се потребни.
Зачудува дека кога постојат и празни објетки и простории, државата, (владата) за закуп за потребите на две министерства за четири години од буџетот платила 779 илјади евра во денарска противредност.
Дури има имот кој е со одземено право на користење, имот кој е урнат и не постои, а согласно податоците, како што утврдија ревизорите, се уште се прават трошоци за осигурување како и трошоци за амортизација. Пример за тоа е фотографијата, веднаш подолу, која прикажува земјиште каде постоела барака како деловен простор со површина од 181 м2, која уште е во евиденцијата на АДИССПДП, иако физички не постои.
АДИССПДП стопанисува со 1.163 деловни објекти од кои 51% не се издадени под закуп. Со најголем дел односно 818 објекти стопанисуваат подружница Скопје и Битола.
Податоците од помошната евиденција упатуваат дека 51% од деловниот простор се третира како „спорен“ поради нерешени имотно-правни спорови, бесправно користење или неосновано запишани права на сопственост од други правни и физички лица, срушени и руинирани објекти, како и објекти кои се отуѓени или за кои е изземено правото за стопанисување, а се уште се водат во евиденцијата на Друштвото.
АДИССПДП стопанисува и со службени станови за кои е доделено право на користење на избрани и именувани лица, како и службени лица кои вршат посебно должности во државните органи. Заклучно со 2023 година, од вкупно 86 корисници на службени станови, 33 корисници не ги исполнуваат условите за користење на доделените службени станови. Контрола на користењето на службени станови не e направена после 2019 година.
Исто така, АДСДП стопанисува со 1.171 објекти од кои 51% не е издаден под закуп. Со најголем дел, односно 545 објекти стопанисува регионален центар Скопје и работна единица Битола, а од извршената анализа утврдено е дека со најголем дел од деловните објекти односно 25% стопанисува регионалниот центар Скопје, a со 22% од објектите стопанисува работна единица Битола.
Дури 24 отсто од имотот е во лоша или неупотреблива состојба, велат од Државниот завод за ревизија.
Севкупно, државните институции и органи меѓу себе немаат добра комуникација за користење на имотот со кој се располага.