Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговори на прозивката на Али Ахмети, кој вчера од митингот во Скопје му порача на Мицкоски „да не ја бара бељата и да ги бира зборовите“.
„Вчера во Аеродром и Гази Баба ја повикав албанската опозиција на обединување против оваа власт и изразив јавна намера дека веднаш по изборите, уште првиот ден ќе остварам контакт со нив за заедничка соработка која ќе се темели на принципи околу кои ќе се обединиме.
Уште истиот ден се јави Али Ахмети, нервозно одговарајќи, прозивајќи ме со навреди и доза на закани, но треба да знае дека неговите закани не само што не ме заплашуваат, туку и добро ме засмејуваат.
Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но сепак со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции, и партиски прослави.
Важен му бил на Али мојот оброк од детството, хммм…, чудно се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат Соравија, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија.
Ја разбирам нервозата и паниката бидејќи за прв пат сте прочитани и пред пораз. Доаѓа времето за одговори на многу прашања. Ова не е 2001ва, туку 2024та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат…“, напиша Мицкоски.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера на митинг порача дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бил пораснат со гурабии и кекси, јавува репортерот на ТВ21 од плоштад „Македонија“.
Тој му порача да пази што зборува бидејќи уште е млад и устата млеко му вадела.
„Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со кекси (бисквити). Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља (проблем). Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“, порача Ахмети.