„На премиерската позиција во моментов е господинот Талат Џафери и имаме техничка Влада која треба да создаде услови за успешно спроведување фер и демократски избори. По победата на изборите на 8 мај пак, јас повторно ќе бидам премиер. Во мојот втор мандат, заедно со сите проевропски, прогресивни политички сили ќе ја внесеме татковината во ЕУ“ изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“.
Тој додаде дека оваа техничка Влада, освен приоритетот за спроведување на следните избори, во својата програма го има континуитетот на политиките на Владата која тој ја предводеше.
„Сите аспекти во однос на политичката и институционална поддршка на процесот на евроинтеграција продолжуваат. Воедно, постои и континуитет на политиките кои ќе ја одржат земјата како фактор на стабилност во регионот и ценет НАТО сојузник. Најважно од сѐ, ќе се обезбеди континуитет на успешните политики на владата предводена од СДСМ за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните и забрзан економски развој“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ истакна дека со економските мерки и политики во изминатиот период се создаде добра база за подобри и подобро платени работни места, за раст на платите и пензиите, заштита на ранливите, поддршка на компаниите.
„Тоа е она што е важно и тоа е она за кое ќе се овозможи континуитет во наредниот период, сѐ до победата на СДСМ на изборите во мај“ рече Ковачевски.