Уставниот суд на денешната седница не ги прифати иницијативите да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од јули минатата година, кои пропишаа застарување на извршувањата, овозможија граѓаните да бараат деблокирање на сметките ако се поминати 10 години од решенијата од извршител, да бараат намалување на каматите оти тие не смее да го надминат износот на основниот долг и низа други олеснувања за граѓаните.
„Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од причина што смета дека двата закона се во согласност со Уставот. Ова значи дека не се прифатени наводите на подносителите од 15 иницијативи, кои за овој предмет беа поднесени до судот. Остануваат во правниот промет сите членови од измените на Законот за облигационите односи, како што е членот 1, кој дефинира дека износот на достасаната, неисплатена казнена камата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниниот долг. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието, предвидело да се ограничи висината на казнената камата кога ќе го достигне износот на главниот долг. Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле. Судот оцени и дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилегирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво“, соопшти Уставниот суд попладнево.