Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден му дала рок на Израел да ја прекине војната против Хамас до крајот на годината, изјавија тројца функционери од Тел Авив за Политико под услов да останат анонимни.
„Политико“ додава дека ова е рокот што го истакнал и американскиот државен секретар Ентони Блинкен при неговата посета на Израел оваа недела.
Сепак, заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Фајнер, во четвртокот рече дека администрацијата не му наметнала строг рок на Израел да ги прекине воените операции во Газа. Кога израелските власти му ги открија своите планови на еден висок американски дипломат, велејќи дека борбите во јужниот дел на Појасот Газа би можеле да траат неколку месеци, Блинкен наводно отсечно возвратил: „Немате толку време“.
Изгледа дека израелските лидери се подготвуваат да го надминат тој рок. Политико потсетува дека Израелците и претходно им пркоселе на САД и дека истото го правеле неколку пати од почетокот на нападот на Појасот Газа.
Висок израелски функционер за Политико изјавил дека САД претходно го советувале Израел да не влегува во Газа и тоа сепак го направиле.
„Влеговме во Газа затоа што тоа е единствениот начин да го уништиме Хамас и да ги ослободиме заложниците. Ни рекоа – не влегувајте во нивните тунели, немате шанси на тој начин да го уништите Хамас. Ни рекоа да не влегуваме во болниците, иако Хамас ги користевме како командни центри и контролни центри, но влеговме во тие болници, го направивме тоа што беше потребно. И ќе го правиме тоа додека не постигнеме победа“, рече неименуваниот израелски функционер.