Во Предлог-буџетот за 2024 година се проектирани средства за исплата на повисоките плати за вработените во јавната администрација, за исплата на повисоки пензии согласно утврденото системско решение, но нема да има повисоки плати за функционерите, најави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Во интервју во Централниот дневник на МРТ Бесими појасни дека со Предлог-буџетот за следната година обезбедени се средства за она што е предвидено со потпишаниот Општ колективен договор, со кој од септември оваа година платите на сите вработени во јавниот сектор се зголемени за десет отсто.
-Исто така исплата на К-15 кое оваа година е во износ од 10.000 денари, а наредната во износ од 30 проценти од просечната нето-плата. Она што не е планирано во Предлог-буџетот се средства за раст на платите на функционерите, изјави министерот и додаде дека за исплата на зголемените плати се обезбедени дополнителни 160 милиони евра.
Тој истакна дека она што беше важно во услови на инфлација е да се одржи нивото на платите и да се заштити стандардот на граѓаните и веќе од април има реален раст на платите, бидејќи има раст на платите, а инфлацијата е едноцифрена.
Министерот посочи дека повеќе средства се обезбедени и за исплата на пензиите согласно законските решенија.
-Кај пензиите воспоставивме системско решение кое гарантира раст на пензиите. И пензионерите ќе го добијат во 2024 година она што следува согласно Закон, односно усогласување согласно растот на просечната плата и растот на трошоците на живот, односно инфлацијата”, наведе министерот за финансии.