Стојанов со нова провокација: Нуди по 300 евра на македонски граѓани доколку променат презимето да им завршува на „ов“ или „ев“

Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“ и покрај тоа што доби доживотна забрана за влез во земјава, не запира со неговите провокации.

Последната провокација е нудење на семејства од Македонија да го променат презимето и наместо „вски“, да завршуваат на „ов“ или „ев“, и за тоа дава „награда“ од 300 евра.

Во својата објава, Стојанов додава дека македонските граѓани треба да ја контактираат бугарската фондација.

Пред десетина дена тој самиот објави и изрази револт од тоа што му бил забранет влез во Македонија на неодредено време.

„Нема причина да не ми биде дозволен влез во земјата. Немам ни казна за непрописно паркирање, но ете сум непожелен. Во РСМ имам спроведено над 500 хуманитарни иницијативи, се обидов да му помогнам на Скопје побрзо да влезе во ЕУ, како и да ги зближам двата народа. Наместо благодарност, добив забрана. Со ова ќе ги запознаам Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа. На овој начин работите нема да останат незабележани“, рекол Стојанов за бугарска „Лупа“.

Виктор Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир проба да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“.

Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Слични објави