Пендаровски, Спасовски и Бесими даруваа крв во американска амбасада

Претседателот Стево Пендаровски, заедно со синот Огнен, денеска даруваше крв на хуманитарен настан организиран од Амбасадата на Соединетите Американски Држави.

Хуманитарниот настан за дарување крв и донирање храна, организиран во соработка со Црвениот Крст и Институтот за трансфузиологија, годинава се одржува по 15-ти пат во сеќавање на трагичните настани од 11 септември 2001 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за финансии Фатмир Бесими исто така денеска даруваа крв.

На социјалните мрежи тие објавија и фотографии.

„На покана на амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер, со задоволство учествував во крводарителската акција во Амбасадата на Соединетите Американски Држави, по повод одбележувањето на Националниот ден на служба и сеќавање во чест на жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од ужасните терористички напади на 11 септември. Крводарителската акција е во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и со Институтот за трансфузиологија. Дарувај крв – спаси живот!“, напиша Спасовски.

Слични објави