Вкупно 23 пожари на отворен простор се регистрирани во текот на вчерашниот ден,
-Еден е се уште активен, се догаснува (пожарот кај Богданци) а 22 се целосно изгаснати. На територијата на Скопје имаше 5, Кичево 2, Куманово 5, Велес 1, Кавадарци 1, Дојран 1, Струмица 2, Кочани 1, Делчево 1, Тетово 1 и Гостивар 2. Во 19 пожари гореше ниска вегетација а во 4 ниска шума. Затоа апелирам до сите македонски граѓани да бидат исклучително внимателни да не предизвикаат пожар! Палење на оган и скара на отворено, палење на стрништа и пасишта, фрлање отпушоци или работа со алат кој искри за миг може да предизвика пожар. И најмалиот пожар за миг може да излезе од контрола и неколку стотици метри или неколку километри подалеку може да убие човек или да нанесе огромна материјална штета, нагласи директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Тој изрази благодарност до исклучително професионалните и храбри пилоти на Ер Тракторите и хеликоптерите, до храбрите македонски пожарникари од територијалните противпожарни единици, доброволните противпожарни друштва, екипите на ДЗС и Национални Шуми и градоначалниците, како и вработените во ЦУК кои ги координираат сите набројани единици и ресурси кои покажале дека се на висина на задачата.
Пожарот западно од Богданци кај м.в. Брдаров камен каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева е локализиран и ставен под контрола, но на одредени места се распламнува, информираат од ЦУК.
На терен присутни се ПШС Кожув Гевгелија со 15 вработени и 2 возила, ПШС Саланџак Валандово со 4 вработени и 1 возило, ТППЕ Гевгелија 4 пожарникари,1 џип и 1 ПП цистерна, ТППЕ Валандово 2 пожарникари и 1 ПП возило, ДЗС Валандово ( тим за брз одговор) 10 луѓе и 2 џипа, ДППД Дојран 5 луѓе со 1 цистерна, ДППД Валандово – 4 луѓе со 1 цистерна, ЈПКД Комунална чистота 10 вработени и 1 возило, ИМП Гевгелија 1 доктор 1 сестра и 1 возило, ТППЕ Кавадарци со 8 пожарникари и 2 џипа, ТППЕ Штип 4 пожарникари, како и 10 вработени од ЈПКД „Комунална чистота“ Богданци со 2 цистерни и 2 теренски возила.
И градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов потврди дека пожарот е локализиран, но екипите се уште се на терен и внимаваат да не се разгори на нови места.
Опожарени се околу 500 хектари нискостеблеста деградирана шума и сува трева. Пожарот вчера помина низ ветерниците над Богданци без да предизвика штета на нив.