Jавното претпријатие „Водовод и канализација“ воведува рестрикции со водата за пиење на територијата на општина Струга во периодот од 1 часот по полноќ до 6 часот наутро.
Таквата одлука, како што изјави за МИА директорот на претпријатието Дашмир Насуфи е поради злоупотреба на водата од водоснабдителниот систем во вечерните часови и затоа рестрикциите ќе бидат после полноќ. Ограничувањето, нагласи, ќе трае до стабилизирање на состојбата.
Иако издашноста на изворите е висока, 471 литар во секунда, поради високите температури и големата злоупотреба на водата за пиење воведуваме рестрикции да не дојде до проблеми при водоснабдувањето, истакна Насуфи.
Тој најави дека комуналните инспектори во координација со полицијата од вечерва ќе продолжат со теренски контроли за откривање на случаи на злоупотреба.