Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски од денешната трибина во Гевгелија насловена „Борба против корупцијата и криминалот“ од акцијата „Ова е Македонија за сите“ порача дека уставни измени под бугарски диктат немa да има.
Тој посочи да власта предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски е доведена до ѕид, немајќи поддршка за да ги спроведе обврските кои што ги презела со прифаќањето на уставните измени, затоа лажат, при што лажењето им стана секојдневно функционирање со што секој ден ни покажуваат дека дното може да биде подлабоко од претходно.
„Во овие тешки и предизвикувачки времиња знам дека сте вознемирени поради сето она што се случува во Македонија. И знам дека со голема доза на мачнина гледате како СДСМ и ДУИ свесни дека ја губат власта, го губат и достоинството. Секој ден не уверуваат дека дното може да биде се подлабоко од претходно. И кога се дотерани во ќош, целосно разобличени, гледајќи ја сета слабост во нивните политики, единствената работа која што ја кажуваат се невистини. Не е во мојот речник да зборувам наместо невистини дека лажат, но морам да признам дека последниве денови сведоци сме дека, не лажат, туку се утепуваат од лажење. Не било само крадењето, туку лажењето било дел од нивната политика“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде, како може од една иста средба да излегуваат со различни информации за она што се случило.
„За една иста средба за која и самите рекоа дека е неуспешна, тие излегуваат и велат дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило безусловно уставни измени. Граѓаните, медиумите, експертите знаат дека не е така, а лудо настојчиво лажат за нешто што е очигледно – Дека уставни измени под бугарски диктат ниту сум прифатил, ниту некогаш ќе прифатам! Лажат затоа што друго немаат што да прават. Си се дружат со лагата секој еден ден затоа што се разголени, а срамот е голем. Таквото безочно манипулирање е од причина што кај овие луѓе постои целосно отсуство на срам и затоа што се дотерани до ѕид. Нема веќе дршки на кои може да се држат при манипулациите што со години ги кажуваат“, децидно истакна Мицкоски.
Мене ниту ми е до позиции, ниту на ВМРО-ДПМНЕ му е до функции особено не кога е загрозена Македонија и кога народот е под блокада и нема иднина, додаде Мицкоски како одговор на лагите кои ги шират СДС по лидерската средба.
Мицкоски посочи дека координираното расфрлање со функции на СДС и ДУИ единствено покажува дека на нив само до позиции им е дојдено, а институциите им се во распаѓање, додека ја направија владата евтина и криминална приказна
– Понудив две решенија кои се надоврзаа на она првичното кое беше според хрватскиот модел. Затоа што доста беше поткусурување со идентитетот и блокада на интеграциите, и измените може да поминат само со заштитен идентитет, обезбедена иднина и целосна и непречена карта за влез во Европската Унија, изјави Мицкоски.
Мицкоски потсети дека и пред една година на митингот пред владата говореше дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и се уште е истиот став.
– Цело време во овој период ви говорам дека нашата борба е да ги промениме околностите кон подобро за Македонија. Една година потоа ве гледам во очи и ви го велам истото. Благодарение на пратениците, на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кои се вистинскиот бедем во македонскиот парламент, уставни измени под бугарски диктат нема да има. А нашата борба останува иста – Промена на околностите и заштита на идентитетот. Тие се оние што ги менуваат ставовите. Пред да излезе францускиот предлог Ковачевски велеше дека тој не е прифатлив. Потоа волшебно, иако од предлогот не се промени буквално ништо, тој го смени мислењето и денес е главната степеница на сопнување, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на што претставува лицемерна политика е тврдењето на министерот за надворешни работи дека сепак Бугарите биле обесправени со сегашниот Устав.
– Како министер кој 20 години е актуелен на политичката сцена, чудно е навистина што токму сега му засмета Уставот и односот кон Бугарите, а не претходно. И ај што не е така, уште почудно е што тој 6 години без престан е министер во таа иста влада која тешко и е да побара од Бугарија исполнување на барем три пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. И затоа едноставно таквите тези нема да поминат, изјави тој.
Мицкоски порача дека кај народот не поминува лажната пропаганда на СДС.