Поранешниот бразилски претседател Колор де Мело е осуден на осум години затвор за корупција

од Вести365.МК Ј.Р.

Поранешниот бразилски претседател Фернандо Колор де Мело (1990-1992) вчера беше осуден од бразилскиот Врховен суд на осум години и десет месеци затвор за корупција во скандалот „Експрес перење“ во кој се вмешани компаниите „БТП“.

Колор де Мело (73), првиот директно избран претседател на Бразил по воената диктатура, е обвинет за примање мито во износ од околу 3,8 милиони евра додека бил сенатор помеѓу 2010 и 2014 година.

Според државното обвинителство, извршени се околу четириесетина исплати кои требало „незаконски“ да го олеснат потпишувањето на договорот меѓу градежната компанија и подружница на државната нафтена компанија Петробрас.

Осум од десет судии на Врховниот суд денеска се изјаснија за виновната пресуда. Судијата известител во случајот, Едсон Фачин оцени дека поранешниот претседател користел „политичко влијание за да го олесни потпишувањето на договорот“ и потсети дека максималната казна за такво кривично дело е 33 години затвор.

Делата „докажани“ во истрагата се „исклучително сериозни“ и „сведочат за несреќната злоупотреба на јавната моќ за лично богатење“, рече Фачин во средата, на последниот ден од судењето. Одбраната ги отфрли сите обвиненија. Истрагата беше покрената како дел од скандалот „Експрес перење“ што ја потресе бразилската политичка сцена во 2014 година.

Во 1989 година, изборот на Фернандо Колор де Мело, чиј противник во вториот круг беше актуелниот претседател Луис Инасио Лула да Силва, поттикна големи надежи. Но, Бразилците многу брзо се разочараа: не поминаа ни две години од доаѓањето на власт кога Конгресот ја покрена процедурата за смена на Де Мело поради пасивна корупција.

Во 2006 година, сепак, тој се врати во политиката како сенатор од Алагоас, сиромашна држава на североистокот на земјата. Тој беше на таа позиција до крајот на 2022 година. Кон крајот на неговиот втор осумгодишен мандат во Горниот дом, Колор де Мело јавно го поддржа поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро.

Слични објави