9 години затвор за скопјанец кој ја силувал ќерката

Таткото од Скопје што пред 3 години ја силуваше својата ќерка е осуден на казна затвор во траење од 9 години, објави МКД.мк повикувајќи се на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, а според која 65-годишниот родител е осуден за родосквернавење.

Грозоморниот настан за кој доби казна затвор се случил на 9 ноември 2020 година, а жртва беше неговата тогаш 29-годишна ќерка.

„Во 2 часот по полноќ таткото ѝ се нафрлил на својата ќерка, насилно ѝ ги соблекол пижамите и џемперот и откако ја соблекол неа, ги соблекол и своите панталони и почнал сексуален однос со неа. Ќерката се противела и постојано го туркала, но не успеала да го оттргне. Таткото продолжил со сексуалниот однос со оштетената, ја фатил за коса и насилно ја терал орално да го задоволи.“

За време на кривичното дело родосквернавење, во пресудата стои дека таткото бил пијан и во состојба на битно намалена пресметливост. Пред судиите да ja донесат одлуката, тој ветил дека никогаш повеќе нема да го повтори делото, признал што сторил, кажал дека се кае и побарал да му дадат поблага казна.

Судијката Александра Ристеска при определувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, ги имала предвид сите околности предвидени во членот 30 од Кривичниот законик што се од влијание и индивидуализација на казната.

„Како отежнувачки околности ги ценеше асоцијалното однесување на обвинетиот што го покажал извршувајќи го кривичното дело и останатите отежнувачки околности предвидени во член 39 став 2 од КЗ, пред сѐ општествената опасност од извршувањето на овој вид кривични дела, природата, карактерот, начинот на преземање дејствија од негова страна за кои знаел дека се противправни и казниви, кога насилно и без нејзина волја, ја присилил жртвата што е крвен сродник во прва линија – негова ќерка на сексуален чин со него, видот и јачината на загрозувањето или повредата на заштитеното добро – односно, диходомната природа на објектот на заштита на ова кривично дело, кое се состои во заштита на слободата на личноста во половите односи како примарен објект на заштита на овој вид кривични дела, а од друга страна моралот, кој иако буквално значи обичај, во себе содржи највисоки морални погледи и сфаќања за дозволеното и недозволеното во сферата на половите односи во едно општество, тежината на стореното кривично дело, високиот степен на кривичната одговорност на обвинетиот за кривичното дело, кога извршил обљуба со крвен сродник во прва линија – неговата ќерка и штетноста на последиците од истото“, стои во пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата вели дека тоа кај жртвата предизвикало физичка болка и психичко страдање, а дека оштетената најавила отштетно побарување и се приклучила кон кривичен прогон спрема обвинетиот.

Така, судот на обвинетиот му изрече казна затвор во траење од 9 години, се вели во пресудата.

Слични објави