Кремљ денеска соопшти дека одлуката за замрзнување на банкарските сметки на финските амбасади и конзулати во Русија е одговор на, како што рече, „непријателските дејствија на колективниот Запад“, вклучително и Финска.
Официјални лица од Финска и Данска вчера соопштија дека дипломатските банкарски сметки на двете земји во Русија се замрзнати, барајќи од нивните амбасади да вршат плаќања во готово.
На што реагира Русија?
Финска, која дели граница со Русија, официјално се приклучи на НАТО на 4 април во историскиот политички пресврт поттикнат од војната во Украина, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“.
Руските амбасади ширум Европа оттогаш имаа проблеми со нивните банкарски сметки, а во некои случаи им беа одземени средствата за да ја казнат Москва за нејзините постапки во Украина.
Коментирајќи го руското замрзнување на финските дипломатски банкарски сметки, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече: „Ова не е иницијатива на руската страна. Ние реагираме на ситуацијата создадена од владите на неколку земји на колективниот Запад, вклучувајќи ја, за жал, Финска.
Што велат Финците?
Песков рече дека Русија никогаш не ги оставила „непријателските акции“ без одговор.
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто вчера изјави за новинарите дека Хелсинки испратил нота до руските власти на 4 мај барајќи Москва да ја обезбеди способноста на дипломатските претставништва да функционираат и да побара официјално објаснување за замрзнувањето, но досега не добил.
Песков рече дека Москва ќе одговори. „Ќе одговориме на нотата со повторување дека принципот на реципроцитет и принципот на соодветен одговор на непријателските чекори ќе продолжат да преовладуваат во нашите односи“, рече тој.