Кина ќе започне проекти во повеќе од 20 градови за да создаде култура на брак од „нова ера“ и раѓање, што е најнов потег на властите за зголемување на наталитетот.
Здружението за планирање на семејството, националното тело кое ги спроведува владините мерки за населението, ќе започне проекти насочени кон охрабрување на жените да се мажат и раѓаат, објави во понеделникот Глобал тајмс.
Фокусот е на промовирање на бракот, раѓање деца на соодветна возраст, охрабрување на родителите да учествуваат подеднакво во одгледувањето на нивните потомци и сузбивање на застарените обичаи како „купување млади“, се наведува во весникот.
„Општеството мора посилно да ги води младите кон концептот на брак и раѓање деца“, рече демографот Хе Јафу.
Новите проекти се надоврзуваат на голем број постоечки мерки што ги спроведуваат кинеските провинции за да ги поттикнат граѓаните да станат родители, како што се даночни олеснувања, субвенционирано домување и бесплатно образование за трето дете.
Од 1980 до 2015 година, Кина ја спроведуваше политиката „едно дете“, што доведе до демографски промени и резултираше со тоа што Индија стана најмалку населена земја во светот. Оттогаш, границата е зголемена на три деца.
Загрижени за првиот пад на населението во последните 60 години и стареењето на населението, владините советници во март предложија на немажените жени да им се дозволи замрзнување јајце-клетки и вештачко оплодување, некои од мерките што се очекуваат да ја зголемат стапката на плодност.
Многу жени не сакаат да имаат деца поради високите трошоци за опремата за деца или затоа што би морале да ја прекинат својата кариера, а родовата дискриминација сè уште е голем проблем.