80 години од Холокаустот на македонските Евреи

од Вести365.МК | С.З.

80- годишнината од Холокаустот на македонските Евреи „11 март 1943 – Никогаш повеќе” ќе биде одбележан на 12 март со повеќе настани на повеќе локации, во организација на Еврејската заедница и на Фондот на Холокаустот, под покровителство на Владата.

Одбележувањето ќе почне во 9 часот со поворка на живите која ќе започне од Музеј на Град Скопје (Стара железничка станица) до Монопол – Империал Тобако ТКС.

По поворката, предвидени се свечени обраќања на претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот  Фатмир Битиќи,  претседателот на парламентарната група за пријателство Израел-Северна Македонија Хамад Амар, како и на  Ернест Херцог  од Светскиот еврејски конгрес, Мариа Багдасарова – Европски еврејски конгрес и на Пепо Леви, претседател на ЕЗРМ.

Одбележувањето продолжува во 11.30 часот на Градски гробишта Бутел – Скопје со положување цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и пред споменикот на паднатите борци во НОБ – Градски гробишта Бутел – Скопје и со обраќања на Радојка Хелман Денковска потпретседател на ЕЗРМ и Цега Мелаху, пратеник во Кнесетот на државата Израел.

Одбележувањето се заокружува со комеморативен концерт во Национална опера и балет (НОБ) кој почнува во 20 часот.

На вечерниот комеморативен настан ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

На комеморативен настан ќе се обратат и претседателот на Еврејската заедница РМ – Пепо Леви, амбасадорката на Израел Симона Франкел и претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер.

Слични објави