Евидентирани се вкупно 769 градби од кои во рамки на општината Тетово има 462, Теарце 115, Боговиње 74, Врапчиште 61, Јегуновце 28, Гостивар 24 и уште пет на подрачјето на општината Маврово-Ростуше.
За утврдување на статусот на градбите во следната фаза се планирани теренски проверки, планирано е да се разговара со секоја општина посебно, а дополнително ЈУ НП Шар Планина ќе ги извести сите релевантни институции за досегашната бројка. Потсетуваме, според планот за управување, изградба на нови туристички населби и викендички не се дозволени во зоната на строга заштита и активно управување додека воспоставување нови засолништа (од природни материјали) за традиционално пасење на добиток е дозволено во сите зони освен во зоната на строга заштита. Остануваме на заложбите за заштита на сите природни вредности на територија на НП Шар Планина и очекуваме поддршка од сите релевантни институции – информира Анела Ставревска Панајотова, раководителка во Одделението за заштита на природата.
Според неа, за бесправните градби и узурпација на државен имот, во изминатите месеци, веќе се поднесени неколку прекршочни пријави и известувања до надлежните институции.