Млада жена се соблече по долна облека на ирански универзитет во знак на протест против строгите исламски правила за облекување, според видеата споделени на интернет и медиумските извештаи, пишува Ројтерс.
На видеото објавено на социјалните мрежи, се гледа како обезбедувањето на Исламскиот универзитет Азад приведува неидентификувана жена.
Портпаролот на универзитетот Амир Махџоб на Икс напиша дека „во полициската станица било констатирано дека била под силен психички притисок и дека има психичко растројство“.
Но, некои корисници на социјалните мрежи рекоа дека чинот на жената бил намерен протест. Според објавените снимки, обезбедувањето ја нападнало и претепало, пренесува Гласот на Америка, кој се повикува на универзитетските вести на Билтенот на Амир Кабир.
„За повеќето жени, да се биде во долна облека во јавност е еден од нивните најголеми кошмари. Тоа е реакција на глупавото инсистирање на владата за задолжителен хиџаб“, коментира Леи Ла, корисничка на социјалната мрежа Икс.
Судбината на жената останува непозната, но дневниот весник Хамшахри на својата страница напиша: „Информиран извор изјави дека лицето кое го стори овој чин има сериозни психички проблеми и најверојатно по истрагата ќе биде префрлено во психијатриска болница“.
Голем број жени им пркосеа на властите со симнување на шамиите на главата откако избија протести во земјата поради смртта на младата иранска Курдка во септември 2022 година, откако таа беше приведена од моралната полиција за наводно кршење на правилата за носење хиџаб. Безбедносните сили го задушија бунтот со сила.