50 години од првиот телефонски повик, преку мобилен телефон!

На 3-ти април 1973 година, инженерот Мартин Купер го упатил првиот повик преку мобилен телефон. Тој стоел на аголот на Шестата авенија во Њујорк, впишал број на уредот и го ставил на уво. Тогаш му се јавил на својот колега од конкурентската компанија „Bell Laboratories“ за да му каже дека го бара од преносен мобилен телефон. „Мислам дека чкрипеше со забите“, се присетил низ смеа денес 94-годишниот Купер за „BBC“.

Неодамна раскажал дека тогаш очекувале дека еден ден сите ќе имаат мобилни телефони, но дека никој не ни помислувал дека овие уреди ќе станат мали преносни компјутери. Првиот мобилен телефон на светот имаше LED дисплеј на кој се прикажуваа максимум 7 знаци, полнењето на батеријата траеше околу 10 часа, а истата овозможуваше 30 минути разговор. Телефонот можеше да запомни до 30 бирани телефонски броеви. „Motorola DynaTAC 8000x“ беше тежок 790 грама, што е речиси 4 пати повеќе од тежината на „iPhone 14“.

Глобалното здружение на мобилната индустрија GSMA проценува дека на крајот од минатата 2022 година имало 5,4 милијарди претплатници на мобилни телефони во светот. Сепак, до 2030 година се очекува да има околу 6,4 милијарди претплатници на мобилни телефони, а интересен е фактот дека во светот има повеќе од 8,4 милијарди SIM конекции, што го нагласува големото социјално влијание што го има мобилниот телефон.

Мобилниот телефон е најкористениот уред во потрошувачката електроника во историјата и веќе имаме повеќе мобилни телефони отколку луѓе во светот, и сите овие бројки се одличен повод за одбележување на 50 години од првиот мобилен телефонски повик.

Слични објави