Над дваесет деца и нивните родители ќе се тестираат за туберкулоза. Сите од социјално загрозени семејства кои живеат одвоено, но во еден ист прифатен центар.
Се подготвуваат списоците и еден по еден ќе бидат повикувани – децата во Козле, а возрасните на Клинички. Во моментов официјално е потврден еден случај – дете кое се лекува на Детска клиника и се наоѓа во тешка состојба, а најблиските членови на неговото семејство, веќе се тестирани и во болница ги чекаат резултатите
„Јас добив еден список со имиња и презимиња и датуми на раѓање. Тие ќе бидат повикувани и се 21 или 22 деца на број. Сѐ уште не се почнати да доаѓаат. Ние имаме термини во вторник и петок, кога го правиме тој Манту тест, бидејќи истиот се чита по 72 часа. Тие досега седеле цело време заедно. Со тестирањата ќе се заврши во наредните две недели и ќе знаеме кое дете дали има нешто, секако ќе се прави и рентген, а кај тие каде што имаме сомнение ќе одиме и понатаму со иследувањата. Кај тие што се со уредни резултати – нема ништо да правиме понатаму“, изјави докторка Катерина Бошковска, раководителка на одделот за туберкулоза во ЈЗУ Институт Козле.
Децениската редовна вакцинација требаше да спречи вакви работи. Директорката на Детската клиника, Нацева – Фуштиќ е децидна во ставот дека вакво нешто може да се превенира. Таа го потврди случајот со детето со дијагностицирана туберкулоза кое во моментов се лекува во болнички кревет.
„Детето беше во исклучително тешка состојба. И покрај терапијата, после два дена беше ставено на респираторна машина бидејќи затајуваа виталните функции. Навистина е алармантно тоа што во државата може да се јават вакви тешки случаи на туберкулоза кои со децении не сме ги виделе – туберкулозниот менингит и милеарната туберкулоза се тешки облици на туберкулоза кои не би требало да се јават кога постои вакцина во државата“, изјави професорка докторка Стојка Нацева – Фуштиќ, директорка на Клиниката за детски болести.
Туберкулозата не се пренесува лесно, потребен е близок и постојан контакт со заболено лице, обично внатре во семејството. Во случајов, ако се потврди кој е изворот на заразата, ќе им се олесни работата на здравствените лица.