Ќе речеш европски земји, а жените не само што имаат помали плати, туку и бонуси

Разлики во примањата на жените и мажите во Германија, Австрија и Швајцарија не постојат само во основната плата, туку и во исплата на бонус, се вели во извештајот објавен денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен и консултантската фирма Мерсер.

Истражувањето спроведено во повеќе од 270 компании во споменатите три земји покажа дека жените во Германија добиваат во просек за 6,1 отсто пониски бонуси од мажите.Во Австрија разликата меѓу мажите и жените во исплатата на бонуси е 7,2 отсто, а во Швајцарија 5. 2 отсто, објави ИФО.

„Разликите во исплатата на бонусите на мажите и жените се уште поизразени отколку во исплатата на основната плата“, вели истражувачот на ИФО, Михаела Пафенхолц.

Во Германија, разликата во платите меѓу мажите и жените во основната плата е 2,7 отсто, а исплатите на бонус го зголемуваат јазот меѓу половите на вкупно три отсто.

Слична е ситуацијата и во Австрија, каде разликата во основните плати на мажите и жените изнесува 2,3 отсто, додека бонусите ја зголемуваат разликата на 2,9 отсто.

Во Швајцарија разликата во основните плати е 1,2 отсто, а бонусите ја зголемуваат оваа разлика во вкупните плати на мажите и жените на 1,6 отсто.

Слични објави