Основното јавно обвинителство Крива Паланка отвори случај против таткото и двете ќерки, сопственици на стадо од над 500 крави.
Една од ќерките е обвинета дека физички повредила полицаец кој помагал при одземањето на говедата, додека, пак, таткото се сомничи дека им се заканувал на четворица присутни, со што ја загрозил нивната сигурност и предизвикал страв и вознемиреност, соопшти ОЈО Крива Паланка.
Тројцата се обвинети поради инцидентот на 2 декември, во местото Самоков кај селото Луке, кога не им дозволиле на службеници од Агенцијата за храна и ветеринарство да им ги конфискуваат кравите. Поради однесувањето на таткото и ќерките, екипата на Агенцијата за храна и ветеринарство не успеала да го спроведе судското решение и да го одземе добитокот.
„Основното јавно обвинителство Крива Паланка поднесе обвинителен предлог против три лица за кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 1 од Кривичниот законик. Станува збор за татко и две ќерки кои на 2 декември, во местото викано ‘Самоков’, во близина на кривопаланечкото село Луке, спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство да извршат службено дејствие и да постапат по правосилно решение за одземање крупен добиток,“ соопштија од ОЈО Крива Паланка.
Таткото е обвинет и дека при настанот ја загрозил сигурноста на четири присутни лица, се вели во соопштението, „сериозно заканувајќи им се дека ќе нападне врз нивниот живот и тело, со намера да ги вознемири и заплаши. Затоа тој е обвинет и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик“, додаваат од ОЈО Крива Паланка.
„Една од двете ќерки е обвинета и за Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 од Кривичниот законик, бидејќи таа телесно повредила полициски службеник кој бил повикан да асистира при одземањето на говедата, така што го влечела и го гребела по лицето,“ соопштуваат оттаму.
За време на собирањето на доказите, сите тројца беа притворени.
Со поднесувањето на обвинението, обвинителството предложи притворот да им биде продолжен на таткото и на една од ќерките, земајќи ги предвид околностите и фазата на постапката.