Шпанија денеска сигнализираше поддршка за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за меѓународна коалиција под мандат на Обединетите нации за стабилизирање на Газа, нарекувајќи ја „една од алатките“ што би можеле да донесат мир во регионот, пишува Ројтерс.
Макрон во понеделник изјави дека таквата мисија на ОН ќе има задача да го обезбеди Појасот Газа, да ги заштити цивилите и да работи во поддршка на неодредено палестинско управување. Тој рече дека Советот за безбедност на ОН треба да работи на воспоставување на мисијата, додека Франција ќе соработува и со своите партнери.
„Предлогот е една од алатките што можат да помогнат во постигнувањето мир и безбедност во Газа и на Блискиот Исток, како и работата на UNRWA како агенција на ОН за помош на палестинскиот народ“, соопшти шпанското министерство во одговор испратен по е-пошта на прашања од Ројтерс.
„Оваа сила мора да биде чекор кон градење на решението за две држави“, се додава во него, осврнувајќи се на идејата за воспоставување мир преку воспоставување палестинска држава покрај Израел на територијата што Израел ја зазеде во војната во 1967 година.
Шпанија е остар критичар на растечката војна на Израел во Газа и минатата година им се придружи на неколку земји од ЕУ во признавањето на палестинската држава, на кои сега им се придружи и Франција.
Со предлагањето мисија со мандат на ОН во Газа, Макрон се обидува да го искористи моментумот создаден со неговото признавање на палестинската држава минатиот месец, што предизвика домино од признавања, а Велика Британија , Канада и Австралија објавија планови да го следат примерот следниот месец.
Шпанското Министерство за надворешни работи соопшти дека привремената мисија на ОН на крајот би можела да придонесе за успешен трансфер на власта на палестинската државна администрација и за постигнување мир и безбедност за сите.
Минатата недела, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, потег што ги прошири воените операции на разурнатата палестинска територија и предизвика остри критики дома и во странство.