Трет смртен случај од западнонилска треска во Македонија

од Вести365.МК Ј.Р.

Трет смртен случај од западнонилска треска е регистриран во Македонија.

Пациент на возраст од 61 година починал во саботата, и имал коморбидитети, информираше денеска министерот за здравство, Сашо Клековски.

Вкупно хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се 16 пациенти. Од хоспитализираните, шест случаи на западнониска треска се критични.

Во Македонија досега 35 случаи се потврдени на западнонилска треска, а има три суспектни случаи кои се во процес на дијагностицирање.

Министерот информираше дека 15 пациенти се излекувани и отпуштени од Клиниката за инфективни болести.

Најактивно подрачје во Европа на западнонилска треска е Атина, Грција, а случаи во оваа земја се регистрирани и во пограничните зони со Македонија.

– Здравствените капацитети дијагностички се подигнати максимално, ако минатите години се правеле по 40 анализи годишно, ние сме веќе на ритам од 4 до 8 анализи дневно, а да потсетам дека двапати треба два независни теста за конечна потврда на дијагнозата, рече Клековски.

Додаде дека веќе се информирани сите доктори кои можат да дојдат во контакт со евентуално заболени пациенти.

– Веќе се информирани сите инфективни одделенија, матичните лекари, семејните лекари, Клиниката за неврологија а и невролозите генерално, така што алертот за препознавање и дијагностицирање ааа е тука и капацитетот за дијагностицирање е тука – посочи Клековски.

Тој истакна и дека во однос на мапирањето на заболените, треба да се прави разлика меѓу местото на живеење на лицата и местото каде што се заболеле од вирусот.

Слични објави