Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за повторно отворање на Ормускиот Теснец би можел да биде постигнат уште денеска, но го предупреди Иран дека ќе биде „жестоко нападнат“ доколку преговорите пропаднат, објави „Јуроњуз“.
Иран ја зајакна контролата врз Ормускиот Теснец и сака да управува со пловниот пат и да наплаќа транзитни такси – овластувања што не ги применуваше пред почетокот на војната на 28 февруари. Пловидбата низ теснецот, кој е клучна маршрута за глобалното снабдување со нафта и гас, претставува една од главните спорни точки во разговорите и доведе до обновување на борбите по априлскиот прекин на огнот.
Трамп вчера изјави дека договорот со Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец би можел да биде постигнат „утре или задутре“, кажувајќи им на новинарите во Калифорнија дека преговарачите „имале многу добар ден“.
Претходно употреби многу позаканувачки тон.
„Теснецот многу бргу ќе биде отворен или тие ќе бидат жестоко нападнати, па теснецот ќе биде отворен. Единственото што можете да го направите е со борба да си го отворите патот“, изјави Трамп во интервју за „Фокс њуз“.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно за „Си-ен-би-си“ изјави дека „постои можност да постигнеме договор“ до среда или четврток.
САД учествуваат во контактите меѓу Техеран и Оман, а „Аксиос“ објави дека се подготвува 60-дневен договор за безбедна пловидба.
Катар, исто така, посредува, но не најавува директна американско-иранска средба.
Во меѓувреме, Иран одржува фактичка блокада и бара бродовите да ги усогласуваат премините со неговите власти.