Винарскатата визба „Тиквеш“ го одбележа празникот Свети Трифун со свечено закројување на лозјата во Лепово, информираа попладнево од винарницата. Оттаму соопштија дека на настанот присуствуваа бројни гости, претставници на институции, на дипломатскиот кор, соработници на винарницата и лозари.
– Годинешниот настан беше во знакот на воведување на ЕСГ стандардите во работењето на винарницата. Со нивното имплементирање, „Тиквеш“ станува единствена винарница во регионот која воведува нови прогресивни активности и култура во своето работење, дополнително инвестирајќи во грижата за животната средина, влијанието и придонесот во развојот на општеството и доброто управување. Новата генерална директорка Бранка Славеска, во своето обраќање фокусот го стави на посветеноста за развој на винската индустрија во земјава и регионот, претставувајќи пример за останатите деловни субјекти во индустријата, нагласија од винаријата.
Од винарската визба нагласија дека производството на квалитетно вино е императив во работата.
– Тоа може да се постигне само со имплементација на современи практики и технологии, примена на науката и најбитно, со поставување и следење на највисоки стандарди во своето работење. Воведувањето на ЕСГ стандардите за нас и за нашите соработници значи дополнителен поттик за раст на компанијата, но и за позитивно влијание на општеството во целост“, изјави Славеска, соопштија од винарницата, нагласувајќи дека „Тиквеш“, кој е своевиден амбасадор на државата, чувствува должност да вложува во трасирање на патеката за освојување на светските пазари и градење на имиџот на македонското вино.
Од винарницата додадоа дека посветено се работи на целосна трансформација во т.н. „зелена” винарница.
– Во рамки на овој процес, го произведуваме првото органско вино, токму на лозовите насади на Лепово, користиме најсовремени научни методи, како и вештачка интелигенција во насока на заштита на лозовите насади и обезбедување квалитетно грозје, имплементираме проекти што имаат за цел заштита на животната средина, намалување на отпадните води како и намалување на емисиите на CO₂ и вложуваме во обновливи извори на енергија преку инсталирање на фотоволтаици. Притоа, сето ова го споделуваме и со своите кооперанти и со останатите чинители во индустријата.
„Тиквеш“ како општествено одговорна компанија во целокупното работење е посветена на минимизирање на своето влијание врз животната средина, поддршка на локалните заедници и практикување највисоки стандарди за корпоративно управување, подвлекоа од винарската визба.